Веселин Вујовиќ ќе го води Борац Бања Лука!

Некогашниот стратег на Вардар и селектор на македонската машка репрезентација, Веселин Вујовиќ, во новата година ќе биде тренер во Босна и Херцеговина, објави босанскиот портал „Спорт 1“.

Иако долго време се зборуваше за камбек во Скопје, сепак засега нема да има ништо од тоа и во следните шест месеци Вујо ќе го во ди тимот на Борац Бања Лука.

„Колку и да се трудев да ја сокријам оваа информација, тешко е. Јас се договорив во наредните шест месеци да бидам тренер на Борац Бања Лука. Се размислуваше за подолга соработка, но засега само пола година“, вели Вујовиќ.

Вујовиќ со Борац освен на домашна сцена, ќе биде активен и во Купот на ЕХФ, каде тимот од Бања Лука обезбеди место во осминафиналето.

„Кога некој го носи Веселин Вујовиќ, амбициите не се мали и не бегам од одговорност. Броац е добра екипа. На првото место е на табелата со Слога Добој, тука е тимот на Љубушки, па Слобода Тузла. Со неколку засилувања, би можеле да бидеме конкурентни и во Европа со Горење Велење. Сегашниот стратег Мирко Микиќ останува со мене во стручниот штаб. Моето доаѓање ќе значи многу и за него, па би било добро по моето заминување да остане прв тренер на Борац“, заврши Вујовиќ.

По српските Металопластика, Железничар и Партизан, хрватскиот Загреб, македонскиот Вардар, словенечкиот Копер, и босанскиот Борац, на Вујовиќ ќе му остане да води тим од неговата родна Црна Гора, за да стане можеби единствен стратег што предводел тимови од цела екс Југолсавија.