Чаневски одличен меѓу стативите во дербито против Прибак и Хапоел Ришон

Тимот на Макаби Ришон Ле Зион, каде што брани македонскиот голман Градимир Чаневски, беше поразен во дерби дуелот од Хапоел Ришон Ле Зион со 28:27 во натпревар од 3. коло од плеј-оф фазата во израелскиот шампионат.

Македонецот беше одличен меѓу стативите и натпреварот го заврши со 14 интервенции, но тоа беше недоволно за поволен резултат, односно за барем бод во дуелот со актуелниот лидер во Израел.

Победничката екипа беше предводена од екс репрезентативецот на Македонија и поранешен член на Вардар, Немања Прибак. Искусниот ракометар иако има 36 години, сѐ уште игра во одлична форма.

Прибак против Макаби Ришон Ле Зион постигна пет погодоци и подели неколку асистенции кон своите соиграчи.

Екипата на Хапоел Ришон Ле Зион моментално се наоѓа на првото место на табелата со 26 бода, додека второпласиран е Макаби Ришон Ле Зион, кој на свое конто има 20 бода.