Стерјев: Ако не годинава, тогаш следната сакам да бидеме шампиони

Тимот на Еурофарм Пелистер оваа сезона направи одличен ростер и ќе се обиде да стигне чекор понапред отколку тоа што беше досега.

Во интервју за „Балкан Хендбол“, првиот човек на битолскиот клуб, Зоран Стерјев, ги откри амбициите за сезонава и таа по неа.

„Мило ми е што лигата и конкуренцијата се на завидно ниво. Вардар и Металург направија одлични екипи, кои се компетитивни не само за нашето првенство, туку и за евро куповите. Вардар е сериозен конкурент за титулата, а во домашното првенство е благ фаворит. Сепак, се работи за актуелен освојувач на ЛШ. Нашите амбиции се да ги освоиме титулите во Македонија и да стигнеме што е можно подалеку во Европската лига и СЕХА лигата, да одиме до максимумот. Доколку не стигнеме до целта оваа година, сакаме тоа да биде веќе наредната сезона. Сè што правиме е за период од пет години. Од фузијата даваме пет години да го вратиме клубот на старите патеки“, вели Стерјев.

Еурофарм Пелистер оваа сезона освен на домашна сцена, ќе игра во групната фаза од уште две натпреварувања, СЕХА лигата и Лигата на Европа.