ПРИЛЕП 2026: Домаќините и Тиквеш ќе бијат битка за трофеј

Денеска се одиграа натпреварите од вториот ден на 11. издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп. Домашните и кавадарчани ги запишаа своите втори победи на турнирот и се пласираа во финалето в недела.

Домаќинот Прилеп со пресврт успеа да го совлада новиот суперлигаш Младост Богданци со 31-27. Иако гостите долго време водеа, во повеќе наврати и со четири гола, на крајот останаа со празни раце.

Беше 14-10 за момците на Горан Андоновски, но серија од пет гола на Прилеп за 15-14 го најави пресвртот. Богданчани беа во егал уште некое време, но во последните десет минути избраниците на Наум Танески комплетно ја преземаа контролата и на крајот победнички заминаа од теренот.

Предводник на Прилеп беше Димитар Димитриоски со седум погодоци, а Ангел Крстески даде шест гола, додека кај Младост Богданци се истакна Даниел Андоновски со осум погодоци.

Тиквеш по пресврт триумфот над Бутел Скопје во првото коло, исто таков оствари и со Еурофарм Пелистер 2, 28-27. Кавадарчани губеа со 11-4 во првиот дел од тимот на Бранко Ангеловски, но во последните петнаесетина минути од мечот се случи комплетниот пресврт.

Младите битолчани имаа залиха од четири гола, 23-19, но тогаш Тиквеш погодуваше во серија за 24-23, во продолжение се играше гол за гол, а победничкиот гол беше дело на Бен Махфуд, кој од пенал стрелаше за триумф.

Бен Махфуд даде гол за 27-26, но битолчани набрзина израмнија и останаа уште четири секунди. Димковски повлече напад на Тиквеш, беше остро фаулиран а црвен картон доби Симоноски.

Пеналот по истекот на времето го реализираше довчерашниот член на битолчани и тоа беше втор триумф за Тиквеш со кој кавадарчани се пласираа во финале и ќе се борат за трофејот на турнирот „Миле Нешкоски“.

Победниците од дуелите меѓу Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер 2, како и Младост Богданци и „витамините“ од Автокоманда, ќе играат за трето место, а поразените за петто место.