ОХРИД 2026: Гогов е херојот на Вардар – Игравме братски, тимски!

Васил Гогов ја искористи шансата да брани цел натпревар, беше еден од најдобрите на теренот и го доби МВП признанието во мечот со кој Вардар обезбеди пласман во финалето. Македонскиот првак го совлада Тримо Требње со 28-26.

Гогов, кој имаше 14 одбрани, ја подели заслугата со одбраната и порача дека заморот и скратената ротација нема да бидат изговор во борбата за пехарот.

Македонскиот голман ја доби довербата да го мине целиот меч меѓу стативите, возврати со најмногу одбрани во својот тим и на крајот беше прогласен за МВП.

Гогов, сепак, не сака индивидуалното признание да биде во прв план. За него најважно е што Вардар, и покрај заморот, грешките и проблемите со составот, успеа да ја заврши работата и да стигне до финалето.

„Игравме можеби на 50 проценти од силата, но со глава дадовме сè од себе. Имавме многу технички грешки, но се бодревме, игравме тимски, братски и успеавме да се избориме за финале“, изјави Гогов.

МВП признанието е потврда за добрата партија на Гогов, но голманот веднаш го потенцираше придонесот на играчите пред него.

„Не можам целата заслуга да ја земам само јас. Одбраната многу ми помогна. Одигравме многу добро во тој дел, ги тераше противниците да шутираат од лоши позиции и да влегуваат во изнудени шутеви, а јас се обидов тоа да го искористам“, рече Гогов.

Токму соработката меѓу одбраната и голманот беше еден од најважните елементи во натпреварот. Вардар имаше периоди со многу технички грешки, но не дозволи тие да го нарушат тимскиот дух. Зад Вардар е исклучително тежок ритам со многу натпревари и силни подготовки. Дополнителен проблем е и скратената ротација поради повредите, но Гогов е јасен дека во финалето никој нема да се штеди.

„Како што кажав, заморот веќе е тука. Одигравме многу натпревари, имавме многу добри и тешки подготовки, но нема откажување. Имаме и повредени играчи, но и да имаме само седум играчи за настап, ќе дадеме сè од себе. Ќе пробаме да го освоиме турнирот, а за другото ќе мислиме потоа“, порача Гогов.

За Вардар останува уште последниот чекор. Пласманот во финалето е обезбеден, а таму ќе биде победникот од двобојот меѓу Охрид и Загреб. Охриѓани и со реми ќе бидат финалисти.