Екипата на Вардар е првиот финалист на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид, откако славеше во клучниот натпревар против словенечкиот Тримо Требње со 28-26.
Со овие бодови Вардар има шест бодови на позицијата број еден во групата А, па сега ќе го чека победникот од дуелот меѓу Охрид и Загреб за ривал во финалето. Охриѓани и со реми може да бидат први на табелата и да се пласираат во битката за трофеј на домашниот турнир.
Одличен на голот на Вардар беше голманот Васил Гогов кој запиша 14 интервенции. Да Силва беше најдобар стрелец со шест погодоци, додека Љевар даде пет гола.
Тримо Требње отвори одлично и поведе со 5-1, а вардарци не можеа да го пронајдат својот ритам во нападот. Иако Гогов беше на ниво, неговите соиграчи тешко успеваа да дојдат до погодок и дадоа само два за десетина минути.

Словенечкиот претставник беше на плус пет, 8-3 по петнаесетина минути игра, па Чупиќ мораше да бара тајм-аут. Тогаш Вардар заигра подобро, Гогов беше одличен на голот и првото израмнување се случи во 28 минута.
Тогаш македонскиот тим израмни на 10-10, а на паузата се замина со реми, 11-11. Проблем за Вардар беше повредата на Абделхак, па Чупиќ остана само со Митровиќ на десен бек за второто полувреме.

Стратегот на македонскиот првак не можеше да смета ниту на Лазаревски, Јанковски, Стојановски, Бомаштар…за овој меч па ротацијата беше скратена. Шаломон исто така беше одличен на голот на Тримо Требње, па и по петнаесетина минути игра во второто полувреме, Вардар не можеше да се одлепи, 17-17.
Дојдоа и „петте минути“ на македонскиот шампион. Тримо без Котар снема многу идеја во нападот, Гогов фати пенал и Вардар на влезот на последните десетина минути стигна до највисоки плус два, 21-19. Да Силва лесно наоѓаше пат до мрежата на Вардар за 22-20.
Гогов уште еднаш фати зицер, а Да Силва казни за 24-21, но словенечкиот состав не се откажа. Шаломон одбрани две чисти ситуации за гола на крилата Кеита и Воркапиќ, потоа промаши и Љевар, па Тримо доби шанса за реми. Шансата не беше искористена и Љевар ја исправи грешката од претходно со гол за 25-23.

Да Силва беше прецизен за највисоки плус три, 26-23, но повторно Тримо доби шанса да се врати во мечот откако Цирар погоди за 26-25 на 150 секунди до крајот. По тајм-аутот на Чупиќ, Да Силва стрелаше за 27-25, пред Анастасовски да добие црвен картон по трите исклучувања. Но Тримо не успеа да организира напад и Георгиевски во контра ги реши дилемите околу победникот.
























