Причина за прекинот на мечот во Маврово е – протоколот за Ковид-19

Екипите на Еурофарм Пелистер и Металург денеска го почнаа првиот натпревар после долгата пауза поради коронавирусот, но истиот траеше само осум минути, а причината беше во лизгавиот под кој не дозволи средбата да биде продолжена.

Паркетот беше лизгав поради тоа што бил исчистен со средство пред натпреварот, но очигледно дека истото не било растворено според мерките, па тоа предизвикало лизгање. Водејќи се според протоколите за играње натпревари пред почетокот салата и теренот биле дезинфицирани, но средството што се користело предизвикало лизгање.

Повеќемина ракометари завршиле на паркетот, и за да не дојде до некоја несакана повреда кај ракометарите дојде до договор натпреварот да биде прекинат после осум минути игра и резултат од 4:2 за Металург.

Нема да има продолжување на овој натпревар ниту играње на нов во Маврово бидејќи составот на Еурофарм Пелистер го заврши својот дел од подготовките и утре си заминува. Оттаму првиот натпревар во корона времето ќе биде на струшкиот турнир на 12 август меѓу Струга и Прилеп.

Истиот ден Еурофарм Пелистер и Металург ќе одиграат натпревар со оглед на тоа што се во иста група и ќе имаат можност да се надигруваат и да го надоместат она што го пропуштија денеска.