ОФИЦИЈАЛНО: Иван Марковски ќе го води Металург во следните три сезони

Тимот на Металург го реши прашањето за тренерската позиција во следните три години откако актуелниот стратег Иван Марковски го стави потписот на договорот.

Тој дојде пред месец и пол на тренерското место во екипата од Автокоманда и во овој период успеа да одработи неколку добри средби со момците така што ја доби довербата од раководството и сега добива можност да продолжи со работа во следниот период.

Марковски се обврза да остане до 2024 година така што ќе има можност да го одработи сето она што го има замислено така што сосема извесно е дека ќе има шанса да ги покаже своите квалитети.

„Мојата поддршка во следните три години, како предводник на стручниот штаб, ја добива Иван Марковски, заради енергијата, посветеноста, умешноста да се биде најхрабар кога е најтешко. Одлично е прифатен од екипата, која ја препороди за овој краток период и се надевам дека најдоброто допрва ќе дојде“, вели претседателката на Металург Зорица Блажевска.

Инаку, ова е само продолжување на формирањето на тимот за следната сезона. Веќе се продолжуваат договорите со ракометарите, а се работи и на стручниот штаб така што е сосема извесно дека Металург го добива изгледот за новата сезона.

Покрај Иван Марковски договорот го продолжи и Златко Хорват кој останува во Металург и во следните две години.