Нов шок во Автокоманда: Хорват со ултиматум до Металург

Ако до утре не биде испочитуван договорот, Златко Хорват ќе поднесе барање за раскин на договорот со Металург и ќе си бара нов клуб. Хрватскиот интернационалец летово потпиша нов двегодишен договор со „сините“ од Автокоманда, но таму повторно има финансиски проблеми, па можно е и тој предвреме да си замине.

Поради слична ситуација заминаа и близнаците Оливие и Кевин Њокас, иако тие летово беа промовирани како засилувања и тренираа со екипата.

Хорват е најискусниот играч во екипата на Металург, и игра и одбрана и напад. Неговото евентуално заминување ќе значи и голем удар за тимот кој веќе е во „црвената зона“ во првенството.

И покрај бројните ветувања Хорват, слично како и другите ракометари не ги добил ветените услови, и сега и соопштил на управата дека веќе е дојдено крајно време. Или ќе биде испочитуван договорот или ќе си замине.

Хорват во изјава за 24ракомет не сакаше да коментира ништо околу информациите за неговото заминување туку само потврди дека засега е играч на Металург.

„Нема да коментирам сега ништо. Јас сум уште играч на Металург“, изјави Хорват, кој потврди дека викендов ќе игра за тимот во Кавадарци против Тиквеш.

Металург има три порази по ред на почетокот на сезоната, со што веќе е вклучен алармот. Клубот објави дека од ЕХФ им бил побарам депозит од 50.000 евра за учество во Лига Европа, и тие решија да го откажат играњето. По долги години Металург ќе игра само во домашното првенство и нема да се појави на европска сцена.

Сезонава покрај Хорват во тимот интернационалци се и Португалецот Илисес Рибеиро, Турчинот Халил Озтурк и Французинот Абдула Мане.

Од екипата летово си заминаа Серафимов, Додиќ, Тарабокија, Калуѓеровиќ, Рниќ, Поповиќ, Шилегов, Ѓорѓески, Тодески и Кофилоски. Претходно во текот на минатата сезона си заминаа и Потиќ, Канкараш, Мариќ, Младеновиќ и Кондев.