Корона блокада за Вардар: Без натпревари до крај на годината – има дури 12 позитивни!

Уште еден ракометар на Вардар од денеска е на листата на позитивни во тимот на Вaрдар, а со то бројката на играчи кои се позитивнина Ковид 19 се искачи на 11 ракометари и еден од физиотерапевтите.

Ова значи дека во следните две недела нема да може да се тренира односно да се работи во комплетен состав така што најверојатно до крајот на 2020 година нема да има повеќе натпревари за екипата на Вардар.

Тренерот на екипата, Стевче Алушовски се наоѓа во незгодна ситуација бидејќи и понатаму не може да одработи тренинзи како што планира односно постојано има прекини. Сето тоа влијае и на формата и на играта, а новата изолација само дополнително ги искомпликува работите.

Сепак, постои мала надеж дека дел од ракометарите би можеле на тренинг, но индивидуален и тоа во теретана, но прво мора да се добие негативен тест, а тестирањето би требало да биде направено деновиве.

„Дома сме и во изолација сме. Ситуацијата не е најдобра. Имаме 11 позитивни ракометари и еден позитивен од физиотерапевтите. Последниот ракометар кој имаше позитивен тест е од денеска. На листата се приклучи и Векиќ. Според нашите прописи ќе мора да биде 14 дена во изолација,а ниту еден од позитивните не може веднаш да сe врати во тренажен процес и сигурно ќе ни треба време. Ќе биде тешко. Сакаме да направиме тест и да видиме кој од играчите може на тренинг, но во моментов ќе може да се работи само индивидуалнои во теретана“, вели тренерот на Вардар, Стевче Алушовски за 24 Ракомет.

Со оглед на тоа што годината привршува, а нема услови за да се играат натпревари, а останаа уште многу за Вардар останува да се види што ќе се случува.

„Многу тешко дека ќе можеме да одиграме натпревар во следниот период до крајот на оваа календарска година. Во постојана комуникација сме со претседателот на клубот, а тој е со ЕХФ. Очекуваме да видиме што ќе одлучат. Сепак, сметам дека ќе побараме одлагање и ќе биде тешко да одиграме натпревар до крајот на оваа година со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме. И претходно не бевме во добра ситуација бидејќи никако не можевме да влеземе во ритам со постојано одлагање на натпреварите. Меѓутоа, здравјето на ракометарите е најважно“.

Проблемите се случија после натпреварите со Келце. Меѓу двата дуели тестовите на вардарци беа негативни, но потоа почнаа да се редат секој ден нови и нови позитивни.

„Тројцата ракометари на Келце кои беа позитивни пред доаѓањето во Скопје, Хернандез, Кулеш и Душебаев. Тие имаа тест на граница и играа. Ние имавме два негативни тестови пред натпрварите со Келце, но после враќањето од Полска работите се сменија. Првиот ден после враќањето имавме еден случај. Прв позитивен беше Калараш. Следниот ден беа тројца, па потоа тројца, па двајца… и денеска уште еден. Вкупно сега се 12 од оние коишто бевме на реваншот во Келце. Негативни покрај тренерскиот тим се и Чупиќ, Јотиќ, Мишевски и Вујин“, вели Алушовски за 24 Ракомет.

Вардар требаше денеска да игра со ПСЖ на гости во Париз, а в петок против Порто, но тие дуели се одложени. Според ситуацијата не е познато кога ќе може да се излезе на терен за да се одигра следниот дуел од Лигата на шампионите.