Има уште една шанса Македонија да игра на Мундијалот во Шпанија!

Женската репрезентација на Македонија загуби два пати од Романија во бараж двомечот за пласман на Светското првенство во Шпанија во декември годинава. По првиот меч во Букурешт, јасно беше дека далеку е СП за нашите дами, а по вториот меч ја добивме потврдата, дека Романија е за класа подобра.

Сепак постојат уште шанси женската репрезентација да се најде на големо натпреварување по пауза од девет години, откако последен пат бевме дел од ЕП 2012 година.

Светската ракометна федерација има на располагање вајлд карта, најмалку една, а можеби ќе бидат и две, доколку Австралија не настапи на Азиското првенство во септември или не стигне до ТОП 5 на тој шампионат. Плус ситуацијата со коронавирусот на другите континенти се уште не е под контрола, па како и на машкото СП, така и на женското СП, веројатно ИХФ ќе состави листа на резерви.

На женските светски шампионати, вајлд-картите се појавија од 2015 година, кога ги добија Германија и Србија. Во 2017 доби Полска, а во 2019 за СП во Кумамото не беа доделени, со оглед на тоа што Австралија беше во ТОП 5 на Азискиот шампионат.

Од сите елиминирани во баражот од европскиот континент, само Полска има повисок рејтинг од македонскиот, па тие сигурно ќе аплицираат за вајлд карта. САД ќе биде домаќин на Првенството на Северна Америка и Кариби, голем фаворит за првото место и сигурно ќе обезбедат директно место на СП, па нема да бараат вајлд-карта, а ИХФ веројатно ќе ја додели на европска селекција.

Критериумите за добивање вајлд-карта се популарноста на ракометот, бројот на население, ТВ аудиториум, претходен пласман на светските првенства, како и организација на некои следни настани под капата на ИХФ, а Полска е тука во предност пред Македонија.

Сепак останува да почекаме дали РФМ ќе аплицира за вајлд-карта, да ги почекаме и другите континентални шампионати и квалификациски турнири, како ќе се развива ситуацијата со коронавирусот, па веројатно во октомври ќе имаме појасна слика околу можното учество на Македонија на Мундијалот во Шпанија.