Еурофарм Пелистер гледа кон Нашице

На половина пат од групната фаза во Лигата на Европа, ракометарите на Еурофарм Пелистер имаат две победи и три порази што е доволно за четвртото место на табелата. Иако има уште пет возвратни натпревари со сите екипи во групата, сепак многу е веројатно дека битолчани ќе завршат на третото или четвртото место, со оглед на ремито меѓу на Мотор и Агуаш Санташ кои пак останаа на последните две места.

Еурофарм Пелистер на последниот меч од оваа година ќе игра во Битола со Бидасоа Ирун, но по високиот пораз во првиот натпревар во Шпанија со 12 гола, дури и да победат, тешко е за верување дека ќе имаат подобар меѓусебен скор со шпанскиот тим. Плус избраниците на Ларс Валтер ги чекаат и гостувања во Берлин и Архус, па многу веројатно е дека ќе завршат на четвртото место.

За потврда на местото во осминафиналето ќе бидат потребни домашни победи над Мотор и Агуаш Санташ, но според досега прикажаното можеме да сметаме дека Еурофарм Пелистер ќе се пласира меѓу 16 најдобри екипи во Лигата на Европа. Најдобрите четири екипи од групата Д каде што играат битолчани, ќе вркстат во следната фаза со најдобрите четири од групата Ц по принципот Ц1 – Д4, Ц2 – Д3, Ц3 – Д2 и Ц4 – Д1.

Многу веројатно е дека хрватскиот Нексе Нашице кој има пет од пет, ќе биде прв во групата Ц, додека шпанскиот Гранољерс, данскиот Скјерн и португалскиот Спортинг Лисабон, имаат по шест бода од второто до четвртото место, а аутсајдерите Алпла Хард и Балатонфуреди имаат по еден бод на последното место и според досега виденото тешко дека ќе обезбедат место во осминафиналето.

Треба да се одиграат уште пет кола, едно следната недела и четири во февруари, но најверојатно е дека би можело да има реприза од ланското осминафинале во истото натпреварување, кога Еурофарм Пелистер играше со Нексе, а подоцна хрватскиот клуб обезбеди место на завршниот турнир.