Трикратен освојувач на Лига на шампионите ќе игра во третата Бундес лига

Еден од ракометарите кои во својата кариера има освоено три шампионски титули во Лигата на шампионите и голем број на медали, Тобијас Рајхман од првата Бундес лига се сели дури во третата Бундес лига.

Искусниот ракометар одлучи да го напушти тимот на Мелсунген и да ги засили редовите на Емсдетен. Се работи за клуб кој во изминатата сезона го загуби статусот на второлигаш во Германија и од наредната сезона ќе настапува во понизок ранг на натпреварување.

Во овој клуб настапува и македонскиот интернационалец, Дарко Димитриевски. Десното крило со раководството на Емсдетен се договори на едногодишна соработка.

„Дефинитивно сме горди што успеавме да го реализираме овој трансфер. Секако еден од најголемите – ако не и најголемиот трансфер што го има направено нашиот клуб. Оваа промена е уште еден позитивен сигнал за нашиот нов почеток во третата лига и нашата цел е да се вратиме во втората лига што е можно побрзо”, соопштија од Емсдетен.

Рајхман со екипата на Кил во сезона 2009/10 и 2011/12 ја освои титулата во Лигата на шампионите. Третата европска титула ја освои со Келце во сезона 2015/16. Во својата кариера настапуваше и за екипите на Котбус и Вецлар. На репрезентативно ниво со репрезентацијата на Германија има златен медал од Европското првенство во Полска (2016).