Finals - France vs Denmark, IHF 2023 Men's World Championship - POLAND, SWEDEN, Stockholm, 29.01.2023, Mandatory Credit © Anze Malovrh / kolektiff

Веспрем не успеа со Вујовиќ, ќе го носи Ремили за милион евра оштета!

Репрезентативецот на Франција, Недим Ремили, кој е еден од главните играчи во составот на Келце, нема да чека да заврши сезоната и полскиот шампион ќе го напушти предвреме.

Иако пред извесен период раководството на Келце објави дека сезоната ќе ја доигра со истиот играчки кадар, сепак, ракометарот од Франција е голема желба на раководството на Веспрем, кој ги прави сите напори да го донесе во своите редови.

Според пишувањата на полскиот портал „emkielce“, челниците на Келце и Веспрем се во директни преговори околу сумата за трансфер на францускиот ракометар и сосема е извесно дека десниот бек на Франција ќе биде новиот ракометар во Веспрем.

Унгарскиот тим на десната бековска позиција го има на располагање само младиот Зоран Илиќ, откако репрезентативецот на Египет, Јахија Омар доживеа повреда и ќе отсуствува подолг временски период, па така Ремили ќе биде од голема помош во тимот на Момир Илиќ и ќе ја пополни празнината на позицијата десен бек.

Веспрем за трансферот на Ремили ќе мора да плати обештетување од 1.000.000 сума на пари која може да ја обезбеди во секој момент, со оглед на тоа дека има силен финансиски буџет.

Парите добиени од продажбата на најдобриот десен бек од Светското првенство 2023 и оние заштедените на неговата плата ќе му овозможат на Келце да ја доигра тековната сезона и за момент да ја среди финансиската ситуација.

Како што соопштува „emkielce“, навивачите на Келце се надеваат дека клубот ќе го врати црногорскиот репрезентативец Бранко Вујовиќ, но тоа нема да биде можно пред 2025 година. Црногорецот токму од Келце замина на позајмица во бундеслигашот Хановер и клубот од Германија откупи три сезони од договорот на црногорскиот ракометар и не постои можност за негова преселба порано од договореното.

Веспрем исто така го посакуваше Вујовиќ, но Хановер побара 500.000 евра оштета за него. Додека траеја преговорите меѓу двата клуба, се појави варијантата со Ремили, па како и да е, Унгарците ќе мора да го одврзат кесето и да платат голема сума на пари за нов десен бек.