Веспрем добро се испоти, во вториот дел го скрши отпорот на Мотор

Ракометарите на Веспрем имаа тешко гостување во Украина кај Мотор Запорожје во рамки на 3. коло од Лигата на шампионите. Дејан Манасков и колегите предводени од Давид Дејвис забележаа многу тешка победа од 37:34, а по првите 30 минути имаа негатива од еден гол, 18:17.

Натпреварот започна израмнето. Мотор отвори со 1:0, а потоа Веспрем поведе со 2:1. Најчесто беше гол предност во корист на гостите, а Мотор не дозволуваше фаворитот  да се одлепи. Во последните минути од првиот дел минималното водство го преземаа домаќините и на полувреме заминаа со предонст од 18:17.

И на почетокот на вториот дел Мотор играше цврсто и го одржуваше водството десетина минути, во два наврати имаа и два позитива 21:19 и 22:20. Ненадиќ и Мораеш во 40. минута за првпат донесоа предност за Веспрем во вториот дел. До крајот на дуелот унгарскиот тим сигурно го сочува водството, а имаше највисока предност од три гола и стигна до многу тешка победа.

Дејан Манасков за Веспрем постигна еден погодок, а најефикасен беше Петар Ненадиќ со десет гола. Мораеш погоди шестпати, а Борозан петпати. Во тимот на Мотор Запорожје најефикасен играч беше Козакевич со осум гола, а по шест постигнаа Бокан и Хориха.