Вардар доминира во „Јане Сандански“, со плус шест на одмор против Мешков

Екипата на Вардар има предност од шест гола и 19:13 после првите 30 минути откако од почетокот одиграа далеку подобро од гостите од Белорусија.

На почетокот на средбата имаше малку погодоци. Се играше подобро во одбрана, па во 7. минута беше само 3:1 за Вардар откако „црвено-црните“ поведоа, а гостите израмнија на 1:1.

Веќе во 11. минута тимот на Вардар стигна до 6:2 и овие плус четири гарантираа убаво продолжение на средбата. Гостите беа концентрирани и успеаја да останат во игра и да намалат на два гола. Беше 7:5 за Вардар во 14. минута откако двете екипи почнаа да играат поефикасно.

Имаше неколку исклучувања кои не оставија простор за подобар резултат така што гостите останаа неколку минути на два гола разлика. Вардар уште еднаш стигна до четири разлика при 11:7 во 20. минута, но одново имаше реакција од Мешков Брест и две минути подоцна беше 11:9.

Тука почна играта со која Вардар буквално го разниша противникот. Почнаа голови од сите страни, а во одбраната лесно да се запираат нападите на Мешков Брест. Неколку минути игра без голман значеше и лесни погодоци за вардарци што овозможи да се дојде до плус шест. Во 27. минута беше 16:10 и најава за убав финиш на првото полувреме. До заминувањето на одмор само беше зачувана предност за 19:13 на одмор.

Во првиот дел Кевин Њокас има четири гола, Моралес и Дибиров го завршија со по три гола, додека по два имаат Талески, Оливие Њокас, Тото и Гаџа. Еден гол постигна Дијало. Томовски има седум одбрани.