Борец стартуваше моќно во плеј-аутот, денеска убедлив против Риниа М

Ракометарите на Борец ја остварија втората победа во плеј-аут битката за опстанок во Првата лига откако на домашен терен беа подобри од Риниа М со 31:20.

Уште од стартот екипата на Борец беше во водство и успеа во текот на целиот натпревар да го контролира резултатот. Неизвесно беше само во првата половина од првиот дел до 7:5 за Борец. Во преостанатиот дел, ракометарите на Риниа-М поради кратката клупа од 10 ракометари и малата ротација не издржаа во налетот на велешани.

Водството од четири разлика од првиот дел (12:8) беше надоградено со високи 21:14 во текот на второто полувреме. Домашниот тим формално до истекот на времето и со шанса за секој ракометар од поставата оствари убедлива победа.

Најефикасен ракометар во редовите на Борец беше Филип Сиљанов со седум погодоци. Во гостинската екипа, Орхан Емини беше најрасположен со девет гола.

Во 3. коло, Борец, ќе гостува во Скопје против Македонија Ѓорче Петров. Екипата на Риниа М на свој терен ќе го пречека Делчево Вардар.