Зголемени таксите – еве колку ќе добиваат арбитрите за натпреварите под капата на РФМ!

На денешната седница на Управниот Одбор на Ракометната федерација, беше донесена одлука за зголемување на судиските такси за натпреварите во сите категории и конкуренции.

Иако официјалните лица неодамна бараа зголемување за 50%, сепак од февруари ќе имаат минимално зголемување. Во машката Супер лига, досегашната такса изнесуваше 6.000 денари, а од 2025 би требало да биде 7.200 денари. Трошоците за елитната конкуренција кај мажите се делат меѓу РФМ и клубовите.

Новите такси во Женската лига ќе изнесуваат 3.900 денари, додека во Првата лига 3.600 денари. Taксите во Женската лига ги покрива македонската куќа на ракометот, додека кај прволигашите досега беше 1.600 денари клубови и 1.400 исплаќаше РФМ. Во младинските лиги судиите ќе добиваат по 1.500 денари за отсуден меч, додека има промени и за оние во Купот на Македонија.

На завршните турнири кај мажите, судиската такса ќе изнесува 10.000 денари, кај дамите, 5.000 денари, додека во Супер Купот кај мажите исто така 10.000 денари. На Ф4 турнирите во младинските лиги, судиите ќе добиваат по 2.500 денари за еден натпревар. Судиските трошоци на Ф4 турнирите во Купот на Македонија и во младинските лиги ги покриваат клубовите организатори, доколку ги има.