Актуелниот освојувач на трофејот во ЕХФ Европскиот Куп, Охрид, наредната сезона ќе го брани трофејот во истото натпреварување, откако не ја доби посакуваната вајлд-карта од страна на ЕХФ.
Иако има многу тимови со послаб квалитет од оној на Охрид што ќе играат во Лигата на Европа, сепак одлуката на европската куќа на ракометот е таква каква што е и треба да им биде мотив плус на охриѓани да продолжат да го градат својот пат на меѓународна сцена.
Охриѓани сосема очекувано ќе стартуваат од првата позиција на ранг листата на клубовите за новата сезона и ќе ги чекаат ждрепките до осминафиналето од првиот шешир.
„Гладијаторите“ ќе стартуваат од втората рунда во новата сезона и својот ривал ќе го бараат меѓу победниците од првото коло и тимовите што имаат директно место во второто коло, но не се меѓу носителите.
Меѓу можните ривали се британскиот Ислингтон, босанската Слога Добој, грчкиот АЕК Атина, норвешкиот Нербо, српскиот Динамо Панчево, австрискиот Кремс, турската Бурса, словачкиот Бојнице…
Покрај Охрид, во ЕХФ Европскиот Куп ќе играат и тимот на Лазаров и Бутел Скопје, кои исто така ќе стартуваат од второто коло, како и Тиквеш кој ќе почне од првата рунда.



























