Додека вниманието на јавноста е насочено кон борбата за медалите на Европското првенство за младинци во Романија, едно име убедливо ја одбележува целата шампионска приказна – Валдис Калнинс.
18-Годишниот десен бек од Летонија не само што е прв стрелец на шампионатот, туку веќе испиша историја, рушејќи рекорд стар две децении. На натпреварот против Србија, Калнинс постигна неверојатни 20 гола од 27 обиди, со што стигна до вкупно 93 погодоци на турнирот, а ќе игра уште еден дуел за конечен пласман и може да надмине 100 погодоци.
Со тоа го собори рекордот на естонската легенда Маит Патраил, кој во 2006 година постигна 84 гола на Европското првенство за кадети. Воедно, Калнинс стана и првиот ракометар во историјата на европските првенства за кадети и младинци кој постигнал повеќе од 90 гола на едно натпреварување.
Неговите бројки на шампионатот се неверојатни. Против Шпанија даде осум гола, а исто толку и против Австрија, Исланд (14), Норвешка (14), Македонија (17), Чешка (12) и Србија (20). Просечно постигнува повеќе од 13 гола по натпревар, бројка која ретко се гледа и кај сениорите.
Иако Летонија не успеа да се вмеша во битката за медалите, Калнинс е убедливо најголемото откритие на шампионатот. Ракометната јавност е воодушевена од неговата игра. Брз, експлозивен, со силен шут и одлична игра еден на еден, десниот бек поседува квалитети кои веќе го прават еден од најперспективните играчи во Европа.
На само 15 години дебитираше за сениорската репрезентација на Летонија во квалификациски натпревар против Полска, а веднаш постигна и два гола. Денес веќе има 13 настапи за националниот тим, каде што дели соблекувална со еден од најдобрите светски десни бекови, Даинис Кристопанс, па заатоа Летонците му го дадоа и прекарот „Новиот Кристопанс“.
„Од него учам секој ден. Неговото искуство е непроценливо и секогаш е подготвен да ни помогне со совет“, изјави Калнинс.
Неговите партии одамна не останаа незабележани. За потписот на Калнинс се бореа германскиот Потсдам и норвешкиот гигант Елверум, а талентираниот Летонец ја избра скандинавската опција.
„Кога дојдов на пробни тренинзи во Елверум, веднаш почувствував дека тоа е вистинското место за мене. Атмосферата беше фантастична и знаев дека таму можам најмногу да напредувам“, објасни Калнинс.
Со норвешкиот клуб потпиша договор до 2029 година и од сезоната 2026/27 ќе биде дел од еден од најуспешните клубови во Скандинавија.
Kалнинс досега беше дел од АСК Рига, а неговите бројки во домашното првенство се неверојатни – 86 гола на десет натпревари во летонската лига, како и 133 гола на 12 натпревари во Балтичката лига.
Во време кога европскиот ракомет постојано бара нови суперѕвезди, Валдис Калнинс изгледа како еден од најсериозните кандидати да ја преземе таа улога. На само 18 години веќе руши рекорди, игра за сениорската репрезентација, потпиша за еден од најголемите норвешки клубови и со своите настапи покажа дека пред него е блескава кариера.
Доколку продолжи со вакво темпо, нема да помине многу време пред неговото име да се најде на списокот на најголемите европски ракометни ѕвезди.

























