Замина и вториот Данец: Каспер Кисум не е повеќе член на Еурофарм Пелистер!

По средниот бек Вилсон Давајес и пивотот Андреас Нилсен, уште еден ракометар замина од шампионот Еурофарм Пелистер.

Станува збор за средниот бек Каспер Кисум, кој по една сезона мината во Битола ќе се врати во татковината.

„РК Еурофарм Пелистер и данскиот интернационалец Каспер Кисум постигнаа спогодба за раскин на соработката. Во новата 2024 година еден од хероите од сезоната 2022/23 ќе настапува за друг клуб. 31-годишниот лев и среден бек остави силна трага во дресот на нашиот клуб и има големи заслуги за освојувањето на титулата минатата сезона. Кисум во првиот дел од сезоната постигна 12 голови во Лигата на шампионите, а редовно го носеше зелено-белиот дрес и во Суперлигата. Со неговата професионалност и неспорен квалитет клубот доби големи придобивки во неговиот едногодишен престој во Битола и вратите од нашиот клуб секогаш ќе бидат отворени за Каспер Кисум. РК Еурофарм Пелистер му посакува приватни и професионални успеси на Каспер Кисум“, се вели во соопштението на битолскиот клуб.

Тој беше еден од хероите минатата сезона кога Еурофарм Пелистер по 18 години повторно стана шампион на Македонија.