Експедицијата на Фарски Острови вечерва треба да пристигне во Скопје по целодневно патување од Торшавн. За разлика од Македонија, Фарски Острови патува со редовни линии и ќе смени три авиони и четири аеродроми.
Со три авиони преку Копенхаген и Виена, до крајната дестинација, ракометарите и стручниот штаб на Фарски Острови ќе слета во главниот град на Македонија во 00:15 часот.
Тие требаше да тргнат од Торшавн во 15:30 часот, но нивниот лет е одложен за 17:00 часот, па нејасно останува дали ќе успеат да го „фатат“ конекцискиот лет од Копенхаген за Виена.
Ако се оди според планот, тогаш фараните ќе имаат цел ден утре за одмор и адаптација пред реванш средбата во недела.
Тие носат седум гола предност од првата средба во Торшавн, која ја добија со 34-27, а со нив во Скопје доаѓаат и најмалку 100 навивачи од Фарски Острови.
Натпреварот меѓу Македонија и Фарски Острови ќе се игра на 12 мај во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19:00 часот.