Во Велес тренерите се менуваат како „чорапи“. Новиот суперлигаш по разделбите со Бисинов, Илиев и Глигоров, сега се раздели и со Петљански.
По само три недели на клупата на Борец ФЛ, српскиот стратег Предраг Петљански си заминува од Велес. Иако беше најавен како човек што ќе му донесе опстанок на Борец во елитната конкуренција, сепак раководството и тој решија да се разделат, дознава 24Ракомет.
Петљански си оди победнички, откако Борец ФЛ на домашен терен славеше во второто коло од прволигашкиот плеј-аут против Радовиш со убедливи 31-24. Договорот меѓу двете страни бил раскинат уште во петокот, потврдуваат клупските извори за 24Ракомет.
Тимот минатата сезона беше прв низ целта во прволигашката конкуренција без ниту еден пораз, но набрзо во Велес сфатија дека има голема разлика меѓу Првата и Супер лигата. Најпрво беше објавена разделбата со Никола Бисинов, тренерот со кој клубот се пласира во елитата.
Потоа Ивица Илиев беше играч-тренер, а по шест кола на клупата дојде Владимир Глигоров. На полусезоната клубот и најискусните играчи се разделија, заминаа Илиев, Ончев и Паунов, беа ангажирани четворица странски ракометари.
Глигоров си поднесе оставка како морален чин по дуелот со Прилеп, кога Борец ФЛ остана без победа иако имаше огромна предност, а на неговото место дојде Петљански во средината на март. Србинот го водеше велешани на три меча – загуби кај Тиквеш со 29-24, во Прилеп со 28-21, додека на третиот дуел Борец ФЛ победи со 31-24.
Ова беше прва победа за велешкиот тим по 24 ноември минатата кога на домашен терен беше совладана Струга. Сепак и покрај триумфот, Петљански заминува и ќе го остави клубот во други раце.