Во служба на репрезентациите – последното суперлигашко коло ќе се игра порано

Дел од натпреварите од последното, 14 коло од регуларниот дел во Супер лигата, кое е закажано за викендот 16/17 декември, според најавите од клубовите ќе се одиграат неколку дена порано.

Поради репрезентативните настапи на кадетската, младинската и сениорската репрезентација кон крајот на декември и почетокот на јануари, а со оглед на фактот што 90% од играчите кои ги сочинуваат селекциите доаѓаат од домашното првенство, за да имаат повеќе време за подготовки, дел од натпреварите ќе се одиграат на почетокот на следната недела, од 11 до 14 декември.

Кадетите ги очекуваат подготовки за квалификацискиот турнир (5-7 јануари) за пласман на Европското првенство што ќе се игра во Црна Гора и дуелите со Словачка, Швајцарија и Косово во „Автокоманда“.

Младинците ќе бидат дел од „Трофеј Карпати“ во Баја Маре (15-17 декември) и ќе одиграат пријателски натпревари против домаќинот Романија, Саудиска Арабија и Словачка.

Сениорите ги очекува стартот на подготовките за настапот на ЕП 2024 во Германија и за дуелите против Франција, Германија и Швајцарија (10-16 јануари), а претходно ќе се одиграат пријателски натпревари со Црна Гора и Грција.

Последното суперлигашко коло ќе го даде одговорот уште кои две екипи ќе им се придружат на веќе шесте пласирани во разигрувањето за титулата.