Во каква форма се македонските репрезентативки пред Полска – еве ги нивните последни настапи

Женската репрезентација на Македонија на 9 април ќе го одигра првиот натпревар против Полска во рамките на баражот за пласман на Светското првенство 2026.

Полска ќе биде домаќин на првиот натпревар во Кошалин, додека реванш средбата е закажана за 12 април во Битола.

Изминатите денови поголемиот број репрезентативки кои се најдоа на списокот кај селекторот Кристијан Грчевски имаа настапи во своите клубови.

Грчевски за овој двомеч смета на 20 ракометарки, а 16 ќе добијат шанса на двете пресметки со незгодната Полска.

Повеќето од репрезентативки имаа значајни улоги во последните натпревари во своите клубови, но дел и не беа во составите.

Јована Мицевска (Слатина) – не беше во составот на Слатина за последниот натпревар.
Матеа Чурлиновска (Деспина) имаше добра партија против Спартак.
Драгана Петковска (Михаловце) – беше дел од натпреварот против Дунајска Стреда на кој нејзиниот тим запиша значајна победа.
Јована Саздовска (Слатина) – постигна еден гол на дуелот меѓу Слатина и Залау.
Сара Ристовска (Рапид Букурешт) – искусната репрезентативка беше меѓу најдобрите во победата на Рапид Букурешт против Баја Маре во романскиот шампионат.
Пена Граматова (Војводина) – левото крило постигна три гола во триумфот на нејзиниот тим на гости кај Млади Радник.
Ивана Гакидова (Слатина) – беше во составот за дуелот со Залау, но немаше голема минутажа.
Ивана Џатевска (Сомбатељ) – кружниот напаѓач се врати во составот на Сомбатељ по малата повреда и настапи на мечот со МТК Будимпешта, но најголем дел од минутажата ја помина во одбрана.
Симона Маџовска (Цвикау) – битолчанката имаше забележителна партија против Турингер во најквалитетното натпреварување во Германија и натпреварот го заврши со четири погодоци и четири асистенции.
Моника Јанеска (Трабзон Ортахисар) – средниот бек беше стрелец на четири гола на последниот натпревар на Трабзон Ортахисар во турскиот шампионат против Гореле.
Катерина Дамјановска (Ѓорче Петров) – младата ракометарка во текот на целата сезона игра солидно, а на последниот натпревар, против Астибо, запиша три гола.
Ива Младеновска (Безансон) – десниот бек беше меѓу најдобрите во победата на Безансон против План Де Кук во најсилната лига во Франција и даде три гола.
Ана Марија Коларовска (Ѓорче Петров) – членката на шампионот секогаш ја оправдува дадената доверба од тренерот Симе Симовски и на натпреварот против Астибо имаше седум реализации.
Јована Кипријановска (Самбр Авенуа) – десниот бек стрелаше четири пати на мечот против План Де Кук.
Андреа Седлоска (Локомотива Загреб) – прилепчанката во дресот на Локомотива Загреб запиша три погодоци на натпреварот против Бјеловар, кој го доби нејзиниот тим.
Емилијана Ризоска (Ѓорче Петров) – исто како и Коларовска, одигра речиси без грешка против Астибо, запишувајќи седум погодоци.
Ангела Јанкуловска (Славија Прага) – левиот бек имаше три гола на вториот натпревар од четвртфиналето на плеј-офот во чешкиот шампионат против Злин.
Марија Јанкуловска (Металург Автокоманда) – една од големите надежи на вчерашниот натпревар против Вардар одигра на високо ниво, имаше три погодоци и неколку асистенции во првото полувреме.
Леонида Гичевска (Лада Тољати) – левиот бек не беше во ростерот на последниот натпревар против Ростов Дон.