Во чест на Марче: Осум екипи ќе играат на третиот меморијален турнир

Фондацијата „Марко Божиновски“ која го носи името на прерано починатиот македонски ракометар во периодот од 14 до 16 јуни ќе го организира третото издание на меморијалниот турнир за ракометари до 18 години.

Во чест на прерано починатиот македонски ракометар на отвореното игралиште во спортскиот центар кој го носи неговото име, ќе играат осум екипи.

Екипите кои го потврдија своето учество на третото издание на меморијалниот турнир се: Морнар од Црна Гора, Војводина од Србија, Одорхеи од Романија, босанскиот тим Коњух, како и четири домашни екипи – Вардар, Алкалоид, Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје.

Екипите ќе бидат поделени во две групи. Првите два дена ќе се играат натпреварите од групната фаза, додека на последниот ден од турнирот ќе бидат и дуелите за пласман.

На првото издание на меморијалниот турнир победник беше Нексе, додека на второто издание првото место им припадна на ракометарите на Алкалоид.