Високи победи за Пелистер, Деспина и Спартак во плеј-аутот!

Екипата на Пелистер победнички ги започна настапите во плеј-аут фазата на единственото женско сениорско натпреварување.

Избраничките на Корлевски на домашен терен немаа многу проблеми против Овче Поле СУ и триумфираа со 11 гола разлика – 31:20 (12:5).

Најефикасна во победничкиот состав беше Моника Босилковска со седум погодоци, додека Анастасија Дамјановска и Анастасија Тодоровска постигнаа по шест.

Во редовите на поразениот тим, Јована Конева беше најефикасна со седум реализации, а ја следеше Анастасија Сеновска со шест погодоци.

Битолчанки во првото коло од плеј-аутот беа слободни, додека тимот од Свети Николе на стартот беше подобар од Стружанка со 28:22

. По триумфот над Ѓорче Петров 2, Деспина од Прилеп дојде до нова победа во плеј-аутот, откако на гостувањето во Скопје кај Шампион славеше со 40:20 (17:10).

Матеа Христоска со девет погодоци беше најдобра во победничкиот тим, а кај Шампион се истакна Ангела Петровска со осум реализации.

Спартак, на гостувањето во Струга кај Стружанка, ја оправда фаворитската улога и победи со 24:15 (12:9).

Скопскиот тим беше предводен од Наталија Максимовска и Зорица Андовска, кои постигнаа по седум погодоци. Во редовите на Стружанка, единствено расположена беше Маја Раткушиноска со шест погодоци.