Висок пораз на Македонија, ЕП ќе брка во мај

Машката сениорска репрезентација на Македонија повторно загуби од Словенија во квалификацискиот циклус за ЕП 2026, овојпат со 38:27.

Иако РФМ побара одложување на натпреварот поради големата трагедија во Кочани, ЕХФ не го одобри барањето, па нашите ракометари мораа да смогнат сили и да настапат.

Словенија со оваа победа се наоѓа на лидерската позиција со осум бодови и веќе си обезбеди пласман на Европското првенство 2026, два бода помалку има Литванија, Македонија е трета во групата 2 со два бода, додека Естонија сè уште е без бодови.

Дополнителен проблем за Македонија на денешниот натпревар беше повредата на Марко Митев, кој во 18. минута доживеа незгодна повреда и мораше да биде изнесен со носилки.

Избраниците на Зорман во првиот дел чекор по чекор градеа предност, а голманот Бажнек во неколку наврати одбрани клучни удари, па така домаќините на пауза заминаа со плус осум, 20:12.

Во вториот дел Словенија константно водеше со двоцифрена предност и во ниту еден момент не им дозволи на избраниците на Лазаров да се заканат или да ја преполоват негативата.

Најефикасен во репрезентацијата на Македонија беше Филип Кузмановски со шест погодоци, а голманското дуо Галевски и Митревски искомбинираа 11 интервенции.

Mакедонија во последните две кола од квалификациите ќе се соочи со Естонија на гостински терен и со Литванија на домашен терен, двата натпревари се во месец мај.