Вардар со нов триумф на пријателските натпревари, го совлада Врање

Како дел од подготовките за пролетниот дел од сезоната, Вардар одигра контролен меч против Врање од Србија, што го добија „црвено-црните“ со 28-22 (15-15).

Избраниците на Владо Недановски во најголем дел од средбата имаа водство, а решавачката предност беше направена во второто полувреме, кога го имаа и највисокото водство 24-18 во 42 минута.

Македонскиот тим водеше и во првото полувреме, 10-6, но потоа противникот ги искористи грешките на домаќините и успеа да израмни, и да има неизвесност до крајот на првите 30 минути.

Во составот на Вардар дебитираше и новото засилување, средниот бек Немања Гојковиќ.

Недановски шанса им даде на сите ракометари, а најефикасен беше Стефан Петриќ со шест погодоци, по четири постигнаа Дарко Ѓукиќ и Томислав Јагуриновски.