Вардар рутински до бодови против Струга

По киксот во Кавадарци, за ракометарите на Вардар дуелот со Струга дојде како „мелем на рака“, да можат повторно да бидат победници на меч, па и без проблеми го завршија мечот во своја корист, триумфирајќи со 29-20 (16-8)

Играа повторно домаќините без неколку ракометари, па сега ги немаше Косуке, Петриќ, Јагуриновски, Гојковиќ, Мело.. Единствено Матија Николиќ одигра повеќе враќајќи се во тимот по повредата.
Гостите имаа сила само на почетокот кога имаа водство 5-4, а потоа им ја предадоа предводничката улога на домашните.

До крајот на првото полувреме предност се дуплираше во корист на „црвено-црните“, а скопјани го имаа расположениот Тунижанец Мохамед Бакар кој до 39 минута даде 8 гола. Солидна минутажа доби и третиот голман Марко Богдановски.

Стружани ја исполнија нивната главна цел, пласман во плејофот, па сега секој меч ќе им биде искуство плус, и воигрување. Додека имаа сила се држеа, а потоа не му дозволуваа на Вардар да ја надмине границата од повеќе од 10 гола.

Мохамед Бакар беше најпрецизен со 8 гола, а шест даде Хансер Родригез кај Вардар. Во тимот на Струга, двоцифрено погоди Мерис Бошњак со 10 гола, а Александар Тренчевски даде 5 гола.

Во следното коло Струга е домаќин на Бутел, а Алкалоид го пречекува Вардар.