Прилеп загуби од Вардар, Димитриоски порача: Ќе се бориме до последната минута

Прилеп загуби од РК Вардар со 39-29 на стартот на турнирот во Струга, но капитенот Димитар Димитриоски смета дека резултатот не ја покажува целосно сликата од теренот. Тој е задоволен од борбеноста на екипата и најавува максимален пристап и на следниот дуел против Бутел.

Прилеп со пораз го отвори настапот на 54. издание на турнирот во Струга, откако во првото коло беше совладан од фаворитот РК Вардар со 39-29.

И покрај конечните десет гола разлика, капитенот на прилепчани Димитар Димитриоски е задоволен од односот на екипата и од желбата што ја покажале неговите соиграчи.

„Многу ми е драго што секој играч го даде својот максимум. Се чувствува дека сме во период на подготовки – има трема, тешки нозе и сето тоа е нормално за овој дел од годината. Но, нема да бараме оправдувања. Се гледа дека сме работеле, но исто така е јасно дека мора да продолжиме да работиме уште повеќе“, вели Димитриоски.

Капитенот уште еднаш потенцираше дека Прилеп има ракометна традиција и публика која заслужува повторно да гледа силна екипа.

„Прилеп како град заслужува добар ракомет и полна сала. Се надевам дека во најбрз можен рок ќе ги имаме условите што ги заслужува овој град. Сон на секој прилепчанец е екипата да игра пред полни трибини. Прилеп заслужува повторно да се радува на ракометот.“

За Прилеп нема многу време за анализа, бидејќи веќе следува дуелот со Бутел. Тоа ќе биде натпревар кој директно може да влијае врз пласманот во групата и борбата за што подобра позиција на турнирот.

Димитриоски очекува сосема поинаков меч, но најавува ист пристап – без калкулации и со борба до последната минута.

„За нас секој натпревар е како големо финале. Немаме ростер од 25 или 30 играчи за да можеме да калкулираме кој ќе одмора, а кој ќе игра. Со составот што го имаме мора на секој меч да дадеме 120 проценти од нашите можности.“

Според него, една од главните работи што Прилеп мора да ги задржи е карактерот, без разлика на резултатот во одреден момент од натпреварот.

„Мора да се бориме, да скокаме на глава и да направиме сè што можеме за победа. Тоа го покажавме и против Вардар – нема откажување до последната минута. Ако губиш десет разлика, треба да се бориш да намалиш на осум, шест или три. Таков карактер сакаме да имаме.“

Следниот противник Бутел е млад состав, а Димитриоски очекува брз и динамичен натпревар.

„Следен е Бутел, млада екипа од која очекувам брз и тркачки ракомет. Но, ние нема да се откажеме и на секој натпревар ќе одиме по триумф.“

Прилеп во новата сезона има јасно поставена цел – враќање во плеј-офот и чекор напред во однос на минатата сезона.

„Нашата примарна цел е пласман во плеј-офот. Потоа, ако сакаме да направиме нешто повеќе, мора да гледаме што е можно повисоко на табелата“, истакна капитенот.

Димитриоски упати благодарност и до компанијата „Комфи Ангел“, која е главен покровител на клубот, како и до Општина Прилеп за поддршката што ја даваат на клубот.

„И јас се вратив во Прилеп затоа што сакам овој проект да успее. Сакам заедно да ја оствариме целта и повторно да му донесеме радост на градот“, заврши Димитриоски.