Вардар носи ново засилување – доаѓа француски репрезентативец!

Тимот на Вардар продолжува со амбициозно засилување на ростерот за следната сезона, откако договори ангажман на младиот француски ракометар Матео Фадуил.

Станува збор за 23-годишен среден бек, кој беше на поширокиот список на Франција за ЕП 2026. Фадуил досега ја градеше кариерата во Франција, а доаѓањето во Вардар ќе му биде прво интернационално искуство.

Сезонава е дел од тимот на Трембле, каде на 24 натпревари постигна 157 голови и  би требало да биде големо засилување за „црвено-црните“. За неговиот трансфер, Вардар ќе плати отштета, бидејќи Фадуил има активен договор до 2027 година.

Средниот бек, кој настапува и на левата бековска позиција претходно играше за Нант, Саран и Кретеј.

Со оглед на неговата ефикасност и потенцијал, во Вардар се очекува Фадуил да донесе дополнителен квалитет и да биде клучен фактор во амбициите на клубот, кој е на чекор до нова шампионска титула во Македонија.