Вардар го задржува Србинот: Марко Срдановиќ потпиша до 2026 година!

Само што почна новата сезона во ракометното првенство, каде Вардар тргна добро и според планираното, клубот веќе работи на склопување на мозаикот и изгледот на тимот што ќе продолжи да игра и да се бори за трофеи. Првиот играч кој има договор со „црвено-црните“ и реши да остане уште две сезони е левото крило Марко Срдановиќ (25).

Српскиот интернационалец одлично се снајде во дресот на Вардар и на сите натпревари на кои настапи го потврди својот квалитет, и покажа дека одлуката на македонскиот клуб да го ангажира била вистинска. Задоволни од неговиот настап, Вардар му понуди нов договор на Срдановиќ според кој тој треба да остане во Скопје најмалку до 2026 година.

„Со ангажирањето на Срдановиќ, добивме играч со мирна и прецизна рака, добра пеналџија и пред се спортист со карактер и човек со став. Убедени сме дека заедно ќе создадеме компактен тим кој во иднина ќе ја продолжи трасираната патека, и ќе биде дел од победнички Вардар“, се вели во соопштението на Вардар.

Тој е еден од неколкуте нови играчи што сезонава дојде во Вардар, и веднаш се вклопи во тимот. Вардар моментно е првопласиран во Б групата и повеќе од сигурно ќе пренесе три бода во разигрувањето за титулата. Целта на Вардар сезонава е враќање на врвот и во Лигата на шампионите, и освојување на двојната круна.