Вардар го доби тестот со Велика Британија

Екипата на Вардар успеа да излезе како победник на контролниот натпревар со репрезентацијата на Велика Британија, 29:25 (16:14).

Во најголем дел од натпреварот вардарки имаа предност, која во првиот дел во еден момент достигна и седум гола разлика. Во првите осум минути од натпреварот, во три наврати противникот имаше водство од еден гол разлика, за при резултат 4:4, избраничките на Царчев и Платон да направат серија од 8:1 и да поведат со највисоки 12:5.

Репрезентацијата на Велика Британија се врати во игра, кога намали на само два гола негатива (13:11), додека на полувреме се замина со резултат 16:14.

Во вториот дел, Вардар не дозволи ниту во еден момент да ја испушти предноста. Повторно се одлепи на пет гола разлика, кога резултатот на семафорот беше 21:16.

Велика Британија не успеа да се врати во игра и да го однесе натпреварот во неизвесност. Домаќинките имаа и шест гола предност, за на крајот да слават триумф со резултат 29:25.

Најефикасни во Вардар беа Ивона Трпевска со 8 гола и Дона Тодоровска со 6. Тамара Ивановска и Симона Василева имаа по 5 погодоци. На голот, Вероника Ѓорѓиевска запиша 14 одбрани и постигна еден гол.

На овој натпревар Вардар настапи без Андреа Илиќ, Борјана и Бојана Коцева, Сара Стефаноска и Леона Миленкоска, кои се на подготовките со репрезентацијата на Македонија.