Валентина Радуловиќ се огласи по казната од РФМ

Лавина реакции покрена натпреварот од Купот на Македонија меѓу Скопје и Гевгелија, кој се одигра во саботата, како дел од групната фаза. Гевгеличанки „славеа“ со 17-16, откако во последните пет минути двете екипи си постигнуваа автоголови и не сакаат да победат и да одат понатаму.

Епилог од сето тоа е исклучување на двете екипи од системот на натпреварување во РФМ, како сениорските, така и младинските екипи во сите категории на Скопје и Гевгелија, како и суспензија од две години за Валентина Радуловиќ, претседателката на Скопје, која беше на клупата, потоа за Веселинка Треноска, која исто така седеше на клупата на Скопје и претседателката на Гевгелија, Јулија Беќарова.

Поранешната македонска репрезентативка Валентина Радуловиќ, во изјава за 24Ракомет, потврди дека ја добила казната од РФМ, но дека во ниту еден момент не влијаела на односот на ракометарките на теренот.

„Ја добив одлуката на РФМ за казната. Можам само да кажам дека на тој меч седев на клупата и бев официјално лице, но во ниту еден момент не побарав, ниту влијаев на ракометарките да играат или се однесуваат онака на теренот како што тие играа“, вели Радуловиќ.

Легендарното некогашно крило на Кометал ЃП, Шлагелсе и Хипо, вели дека клубот ја известил РФМ дека Скопје не сака доброволно да игра во Купот на Македонија.

„Чудно е што РФМ ги закажа сега овие натпревари од Купот, наместо традиционално на пролет. Тие беа известени дека ние не сакаме доброволно да играме во Купот бидејќи сме нов клуб, и немаме спонзори, а немаме ниту помош од државата како другите клубови“, заврши Радуловиќ.

Гевгелија по „победата“ над Скопје требаше да се „бори“ со Ѓорче Петров за место на Ф4, но по нивното исклучување, бранителот на Куп трофејот, со службена победа се пласираше меѓу најдобрите четири на завршниот турнир што ќе се игра во мај 2025.

Се огласија и од Министерството за спорт: Поништени решенијата за дејност на Скопје и Гевгелија!

Две години суспензии за Радуловиќ, Треноска и Беќарова, казна и за делегатот на скандалозниот натпревар!