Уште не заврши ЕП 2024, веќе се одиграа претквалификациите за ЕП 2026

Европското првенство 2024 година во Германија влегува во главната рунда, а веќе почна и претквалификациите за следното во 2026 година.

Требаше да има четири бараж-двојки, но се одиграа само три поради тоа што четвртиот двобој беше наменет за Русија и Белорусија, но со оглед на актуелната ситуација таму ЕХФ одлучи тој претквалификациски бараж да не се игра.

Во првиот двомеч меѓу Луксембург и Летонија, место во квалификациите заслужи Луксембург. По поразот на гости со 32-25, Луксембург славеше на домашен терен со 36-28 и се пласира во главните квалификации.

Натаму одат Белгија, која со две победи го елиминира Кипар (30-18, 36-22) и Косово, кое исто така забележа два триумфи против Велика Британија (30-22, 29-23).

Македонија и уште други 19 селекции што играа(т) на ЕП 2024 имаат директно место во квалификациите за ЕП 2024, а на тројцата победници од претквалификациите ќе им се придружат уште девет што не беа дел од актуелното ЕП.

Континенталниот собир во 2026 година ќе се одржи во три скандинавски земји – Данска, Шведска и Норвешка. Трите домаќини и европскиот првак ќе имаат директно место на ЕП 2026 година, додека за останатите 20 слободни места ќе се борат 32 селекции. Ждрепката ќе се одржи на 20 март.