Кузманоски: Целта е остварена, но оваа генерација има уште што да покаже

Македонските кадети обезбедија пласман меѓу најдобрите 16 репрезентации на Европското првенство, а со тоа се најдоа на чекор до Светското првенство во 2027 година, каде ќе играат ТОП 15 од ова ЕП. Селекторот Горан Кузманоски е задоволен од оствареното, но нагласува дека настапот на Македонија не е завршен.

Машката кадетска репрезентација на Македонија ја исполни главната цел на Европското првенство во Србија. Избраниците на Горан Кузманоски ќе разигруваат за пласман од 9. до 16. место, а воедно се на чекор до Светското првенство во 2027 година и останување во А-дивизијата за младинското Европско првенство во 2028 година. Европскиот шампионат за ракометари до 18 години е квалификациски за Светското првенство во 2027 година.

Македонија најпрво ја заврши својата работа со победата над Турција од 29-27. Иако триумфот беше остварен со само два гола разлика, по расплетот на останатите натпревари стана јасно дека македонската селекција го обезбедила местото во ТОП 16. На дуелот со Турција голманот Ѓорѓи Николовски забележа 14 одбрани, додека Бобан Поповски постигна девет гола.

Селекторот Кузманоски истакна дека пласманот е резултат на јасно поставената цел пред почетокот на првенството.

„Амбицијата и целта на оваа репрезентација беа да обезбедиме директен пласман на Светското првенство во 2027 година и да останеме во А-дивизијата за следното младинско Европско првенство, кое ќе се одржи во 2028 година. Тоа го остваривме“, изјави Кузманоски.

Македонија имаше исклучително тешка задача во првата фаза, во која за противници ги имаше Словенија, Франција и Шведска. Кузманоски нагласи дека, и покрај силната група и фактот што репрезентацијата не пренесе бодови, играчите успеале да го пронајдат патот до посакуваниот пласман.

„Не беше лесно, бидејќи во првата група игравме против три силни репрезентации. Не успеавме да пренесеме бод во следната фаза, но таму успеавме да оствариме подобра гол-разлика и на тој начин да бидеме меѓу најдобро пласираните селекции.“

Со обезбедениот пласман меѓу најдобрите 16, притисокот е намален, но селекторот не сака неговите ракометари да застанат. Македонија ја очекуваат уште три натпревари во кои ќе се обиде да стигне до што повисока позиција.

„Сега ни преостанува разигрувањето за пласман од 9. до 16. место. Имаме уште три натпревари и, без разлика што веќе сме на чекор до СП, ќе се обидеме да завршиме на што повисока позиција. Оваа генерација заслужува да биде меѓу репрезентациите што ќе се борат за пласман од 9. до 16. место“, вели Кузманоски.

Македонскиот селектор смета дека настапите на големите натпреварувања се клучни за развојот на оваа генерација, од која во иднина очекува повеќе ракометари да стигнат и до сениорската репрезентација.

„Сакаме да продолжиме со континуитетот на настапи на европските првенства. Ова е генерацијата која минатата година настапи на младинските Олимписки игри. Се гледа дека за една година играчите пораснаа и созреаја, но треба уште да напредуваат и да се развиваат. Токму овој континуитет ќе им помогне еден ден поголемиот дел од нив да станат и членови на А-репрезентацијата.“

Кузманоски им честиташе на своите избраници за досега оствареното, но потенцираше дека пред репрезентацијата се нови тешки натпревари.

„Можам само да им честитам. Сепак, ништо не е завршено и имаме уште многу да играме. Пласманот е целосно заслужен, а во продолжение нè очекуваат тешки противници. Ќе имаме можност да се надигруваме со квалитетни селекции и да покажеме колку можеме“, заврши Кузманоски.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24Ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________