Левиот бек Сања Дамњановиќ, сега Вујовиќ, реши да ја заврши играчката кариера на 37-годишна возраст.
По десниот бек Барбара Лазовиќ, уште една некогашната вардарка заминува во играчка пензија. Последен клуб на Вујовиќ беше романската Баја Маре.
„Почувствував, едноставно, дека е време за крај. Иако често имам чувство дека можам уште да играм, имаше моменти кога чувствував болка во колената. Кога ќе сфатам дека имам 37 години, тогаш јасно е дека треба да се поздравам со теренот и да им кажам збогум на играчките денови“, изјави Сања за „Српски ракометен совет“.
Таа потекнува од Раднички Белград, потоа играше за Наиса Ниш, Крим, Зајечар, Подравка, Виборг, пред да се пресели во Вардар, со кој играше и на Ф4 во Лигата на шампионите.
Потоа продолжи во Шиофок, Будуќност и на крајот во Баја Маре. За српската репрезентација одигра 111 натпревари и даде 382 гола. Со Србија освои сребро на СП 2013 година, а беше прогласувана за најдобар лев бек токму на тој Мундијал и претходно една година на ЕП 2012.