Tanja IVANOVIC and Petra VÁMOS, Hungary vs. Montenegro, Women's EHF EURO 2024, Austria, Hungary, Switzerland, 05.12.2024, Mandatory Credit © Axel Heimken / kolektiff

Унгарија им го нанесе првиот пораз на Црнгорките, Норвешка го доби сканди-дербито со Данска

Еден од домаќините на ЕП 2024 – Унгарија отвори со победа во главната фаза, откако во првото коло славеше над Црна Гора со 26:20. За Унгарија ова беа два важни бода во борбата за четвртфинале, сега има четири бода на свое конто.

По нерешените 2:2, репрезентацијата на Црна Гора со одличната одбрана успеа да го сопре домаќинот, направи серија од 4:0 и во 5-та минута дојде до предност од 6:2. Една од најзаслужните за солидната предност на избраничките на Лазовиќ беше искусната голманка Марина Рајчиќ, за пет минути успеа да им сопре четири удари на домаќинките. Црна Гора при предност од 7:3 имаше шанса од контра да зголеми на пет разлика, но Биро беше подобра во дуелот ,,еден на еден” со Мугоша.

По промашувањето на Мугоша, следуваа два гола во низа на Унгарија, која кон средината на првиот дел намали на 7:5. Црногорките по фуриозниот налет како да подзастанаа, но некако успеваа да одржат резултатска предност. По петнаесетина минути игра, резултатот беше 8:6 во корист за Црногорките, а пет минути подоцна (20-та минута) беше 9:8.

Црна Гора влезе во криза, па така домаќинките ја искористија кризата на ривалот, кој десет минути беше без гол, и направија целосен пресврт. Домаќинот со серија од 4:0 поведе со 12:9 на пет минути пред крајот на полувремето. Јауковиќ со својот трет гол намали на 12:10, но до паузата Унгарија беше репрезентацијата која ја диктираше играта и со 16:11 замина на одмор.

Во второто полувреме целосно се распадна играта на Црногорките, веќе при предност на Унгарија од 21:15, јасно беше дека избраничките на Лазовиќ ќе имаат тешка задача за камбек во натпреварот. Репрезентацијата на Црна Гора имаше неколку шанси да се доближи, но грешките си го направија своето, па така домаќинот немаше проблеми да дојде до победа.

Актуелниот европски шампион Норвешка со победа ја започна главната фаза на ЕП, во скандинавското дерби беше подобра од Данска со 27:24.

Според очекувањата, првиот дел мина во израмнета игра, двете страни имаа свои моменти и ниту една од нив не можеше да се одлепи на сериозна позитива, односно на поголема разлика од два гола, а по 30 минути игра резултатот беше 13:12 за актуелниот бранител на титулата.

Норвежанките во вториот дел постојано водеа, немаа голема комоција во играта, но во ниту еден момент не дозволија Данска да дојде до камбек.