Ракометарите на Струга денеска ќе го одиграат својот последен домашен натпревар во суперлигашката конкуренција.
Ривал на составот на Наум Танески во претпоследното, 13. коло од суперлигашкиот плеј-оф ќе биде актуелниот бранител на титулата Еурофарм Пелистер.
Стружани за оваа сезона имаа за цел да обезбедат пласман во плеј-офот и колку што можат да се покажат во добро светло против најдобрите клубови во Супер лигата.
Голманот Дамјан Тутенкоски се надева на добра претстава против Еурофарм Пелистер, но и на голема поддршка од трибините.
,,Во претпоследното коло на свој терен го пречекуваме тимот на Еурофарм Пелистер, кој иако е голем фаворит против нас, ние ќе се обидеме да одиграме што е можно подобро и нема да се предадеме лесно. Ние нашата цел со пласманот во плеј-офот ја остваривме, во вториот дел од сезоната секој натпревар за нас беше искуство повеќе. Ги повикувам симпатизерите на Струга и навивачката група „Паткари“ да дојдат во што поголем број, да бидат нашиот осми играч и да ни дадат голема поддршка во нашиот последен домашен натпревар за оваа сезона. Се надевам дека ќе одиграме според посакуваното и ќе успееме достојно да се претставиме против пелистерци”, изјави Тутенкоски.
Натпреварот меѓу Струга и Еурофарм Пелистер ќе се одигра со почеток од 13:00 часот во спортската сала „Тими“, а влезот за сите љубители е слободен.