Трилер меч во Келн: Барса ја доби драмата против Алборг за 12. титула во елитата

Екипата на Барселона е новиот шампион во европската елита, откако во финалето на Ф4 турнирот во Келн славеше над Алборг со 31:30 и во својата историја дојде до 12. титула во најквалитетното европско натпреварување. Годинешното финале во Келн го судеше најдобрата судиска двојка од Македонија – Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

Составот на Карлос Ортега во најголемиот дел од првото полувреме одржуваше резултатска контрола, најчесто водеше со еден до два гола разлика и во ниту еден момент не успеа да се одлепи поголема разлика, во еден момент имаше само три позитива. Во ефикасно прво полувреме, во кое беа постигнати 30 погодоци, данскиот шампион успешно му парираше на големиот фаворит, не дозволуваше каталонскиот гигант да се разигра и дури во 12 наврати во првото полувреме резултатот беше нерешен.

Алборг единственото водство во првото полувреме го имаше во 29 минута кога од нерешени 14:14 со голот на Мадс Хоксер стигна до 15:14. Барселона на неколку секунди пред крајот на првиот дел преку Ричардсон ги постави конечните 15:15 на полувреме. Ваквиот резултат навестуваше дека ќе гледаме уште повозбудлива борба во вторите 30 минути.

Резултатот по пет минути игра во вториот дел беше 18:18, а во 40 минута немаше промена, беше 20:20. Барселона за момент успеа да направи исчекор, се одлепи на 22:20, но избраниците на Мадсен не се предаваа и израмнија на 22:22. Во последниот период секој напад беше важен и само нијанси одлучуваа кој ќе биде новиот европски првак.

Шампионот од 2022 година од 26:26 дојде на 28:26 во 54 минута и до крајот успеа ја сочува предноста за конечни 31:30 и 12. титула во европската елита. Во периодот кога Барселона се одлепуваше, на голот Нилсен фати неколку клучни интервенции и беше меѓу најзаслужните за освоената титула. Алборг во последните дваесетина секунда на двапати имаше шанса да дојде до реми, но ударите на Хоксер и Хансен завршија во стативата.