Европската ракометна федерација денеска објави дека се официјализирани три кандидатури за домаќинството на женското ЕП 2026 година.
Турција за првпат се кандидира и ги предложи градовите Анкара, Анталија и Истанбул за домаќини, со тоа што финалето би се играло во Истанбул во „Синан Ердем“ која има капацитет од 16.500 гледачи.
Чешка и Полска имаат заедничка кандидатура со три предложени домаќини – Брно од Чешка, како и Лубин и Катовице од Полска. Финалето е планирано да се игра во „Сподек Арена“ со капацитет од 11.016 гледачи.
Романија и Словачка исто така имаат заедничка кандидатура со седум града домаќини. Клуж-Напока, Питешти, Крајова, Бистрица и Букурешт од Романија, како и Братислава и Кошице од Словачка. Финалето би се играло во „БТ Арена“ во Клуж со капацитет од 10.000 гледачи.
ЕХФ ќе го додели домаќинството на ЕП 2026 за време на машкото ЕП 2024 година кога ќе има состанок Извршниот Комитет на европската куќа на ракометот.