Белорускиот среден бек Вадим Гајдученко и украинскиот десен бек Сергеј Онуфриенко по крајот на сезоната ќе си заминат од францускиот Шарт. Украинецот ја завршува кариерата, додека следната станица на Гајдученко не е позната.
Данскиот Архус објави дека е продолжена соработката со 42-годишната германска голманка Сабине Енглерт за уште една сезона. Некогашната членка на Баер Леверкузен, Хипо и Икаст игра во Архус од 2022 година.
Десниот бек Немања Зеленовиќ го продолжи договорот со бундеслигашот Вецлар за уште две сезони. Српскиот интернационалец се споменуваше дека може да се пресели во Македонија, но лани летоска замина во Бундес лигата и таму ќе остане до 2026 година.
Данецот Андерс Егерт се враќа во Фленсбург и ќе му биде помошник на првиот стратег Николај Крикау. Егерт е легендарно лево крило и во кариерата одигра 11 сезони во германскиот тим пред да се врати во татковината.
Бундеслигашот Мелсунген, каде што тренер е екс стратегот на Вардар, Роберто Парондо, донесе нов десен бек. Станува збор за Николај Ендерлејт, кој доаѓа од данскиот Холстебро и ќе биде замена за Иван Мартиновиќ.