ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Марковиќ не мисли на пензија, Мешков пазареше во Египет, Митревски доби нов колега

Поранешниот ракометар на Вардар, Добривоје Марковиќ, не планира да ја заврши својата кариера. Левото крило, кое во редовите на „црвено-црните“ мина четири сезони, ќе биде ново засилување во екипата на Лавови од Бачка Паланка. Иако Марковиќ има 37 години, сепак, сѐ уште игра на солидно ниво.

Белорускиот шампион Мешков Брест во продолжението од сезоната ќе биде посилен со поранешниот младински репрезентативец на Египет, Јусуф Ахмет Хасан. 24-годишниот ракометар на 18 години го освои младинското првенство на Африка, потоа во 2019 година со совјата репрезентација се радуваше на златото на Светското младинско првенство, кое се одржа во Македонија. Десниот бек својот деби настап за Мешков Брест би можел да го има утре во дуелот со Кронон.

Екипата на Порто, во која настапува репрезентативецот на Македонија, Никола Митревски, го претстави новото засилување. Станува збор за кружниот напаѓач Кристофер Бренбегер. Швеѓанецот во редовите на Порто пристигна од екипата на Енередс. За Бренбегер трансферот во Порто нема да биде првото интернационално искуство. Кружниот напаѓач дел од својата кариера го мина во Норвешка и Швајцарија. Со екипата на Кадетен Шафхаузен три сезони играше во Лигата на шампионите.

Ференцварош за следната сезона се засили со двајцата ракометари од Татабања, Габор Анчин и Матијас Ѓери. 33-годишниот Анчин, кој имаше забележителен настап на Европското првенство во Германија и ја водеше Унгарија до петто место на континенталниот собир, ќе биде вистинско засилување во амбициозниот тим од Будимпешта. Средниот бек Ѓери од 2018 година е член на Татабања, претходно го носеше дресот на Веспрем и Балатонфуреди.

39-годишниот голман Силвио Хајневетер по завршувањето на тековната сезона ќе направи промена и ќе му се приклучи на неговиот матичен клуб Ајзенах. Искусниот голман, моментално, е член на Штутгарт, клуб во кој настапува од минатата сезона, а претходно го чуваше голот на Мелсунген, Фуксе Берлин и Магдебург. Ајзенах и Хајневетер се договорија на соработка со важност од две години.