Машката кадетска репрезентација со убедливата победа над Италија доби шанса да се бори за пласман на СП 2027, но и да го потврди опстанокот во елитната дивизија, односно на ЕП.
Селекцијата на Горан Кузманоски во моментов е дел од разигрувањето за пласман од 13 до 24 место, но четири селекции од овие 12, ќе обезбедат место во разигрувањето за пласман од 9 до 16 место.
Тоа значи скоро сигурен пласман на кадетското СП наредната година за истатата генерација (таму одат ТОП 15 селекции, а и ТОП 16 ако домаќинот на СП е меѓу нив), но и пласман на младинското ЕП 2028 (на кадетското ЕП 2028 сме пласирани како домаќини).
Комплицираниот систем на ЕХФ, е уште покомплициран за објаснување за ракометните вљубеници, но ние ќе се обидеме што поконкретно да ви го пренесеме. Во разигрувањето за пласман од 9 до 16 место одат првопласираните од трите групи, но и најдобрата второпласирана. Се гледаат вкупните освоени бодови и гол-разликата.
Македонија е дел од групата 1 – Шведска 4, Македонија 2 (+6), Италија 2 (+8), Турција 0. Шведска треба да ја совлада Италија, што е за очекување, а Македонија МОРА да слави против Турците со што повисока гол разлика, па тогаш ќе бидеме во добра позиција, да бидеме најдобра второпласирана селекција во трите групи.
Во групата 2 – Чешка 3 (+10), Израел 3 (+6), Швајцарија 2 (+2), Црна Гора 0, во последното коло играат Чешка против Швајцарија и Израел против Црна Гора. Таму Израел ако слави (што е за очекување) против слабата Црна Гора ќе биде прв со 5 бодови, додека за Македонија да остане во трка за најдобра втора, Швајцарија МОРА да ја совлада Чешка, а тоа би било пожелно да не е со голема разлика, бидејќи ќе има 4 бода на второ место (и треба да има послаба гол-разлика од Македонија), додека Чешка ќе остане трета со три бода.
Во групата 3 – Австрија 2 (+8), Словачка 2 (+4), Финска 2 (0), Норвешка 2 (-12), а во последното коло играт Австрија против Словачка, а Финска против Норвешка. Тука ниту една селекција што ќе биде втора не може да има повеќе од 4 бодови, а и гол-разликите се такви што не би требало да бидат опасност и конкуренција за Македонија, која ќе има уште подобра гол-разлика со триумф над Турција.
Македонија против Турција, Австрија – Словачка и Црна Гора – Израел ќе се играат од 12:00 часот, а доколку славиме против Турците (во што никој не се сомнева), ќе ги чекаме натпреварите од 14:30 часот во прв ред Швајцарија – Чешка, а потоа и Италија – Шведска, односно Финска – Норвешка.























