
Актуелниот македонски шампион и освојувач на Купот на Македонија, Ѓорче Петров, ги започна подготовките за сезоната 2026/27. Новиот тренер Славиша Димитријески на располагање го има комплетниот состав, со кој „лавиците“ ќе се обидат да ја продолжат доминацијата на домашната сцена и да направат нов исчекор на меѓународните натпреварувања.
Ѓорче Петров зад себе има уште една сезона со двојна круна. Клубот петти пат по ред стана шампион на Македонија, а вкупно ја освои 22. првенствена титула, потврдувајќи го статусот на најуспешен женски ракометен колектив во државата.
Најголемата промена е на тренерската позиција. Досегашниот помошник Славиша Димитријески го наследи Александар Царчев и во новата сезона ќе биде главен тренер на првиот тим.
Димитријески во вториот дел од минатата сезона веќе беше дел од стручниот штаб на шампионот, па добро ги познава ракометарките и начинот на функционирање на клубот. Претходно подолг период работеше во Куманово, со кој го освои Купот на Македонија во 2023 година, а паралелно е селектор и на женската пионерска репрезентација на Македонија.
Ѓорче Петров го засили ростерот со седум нови имиња, а раководството бараше решенија речиси на сите позиции.
Најискусното засилување е српската десна бековка Катарина Шубериќ, која има и хрватски пасош. Триесетгодишната ракометарка пристигнува од италијанскиот Нуоро, а претходно настапуваше во Србија, Франција и Романија.

Од Хрватска се враќа македонската репрезентативка Ана Марија Коларовска. Таа може да одговори на повеќе позиции во бековската линија, а минатата сезона настапуваше за Брод.
Од Будуќност доаѓаат две млади црногорски ракометарки. Аника Јовановиќ е 19-годишно десно крило и репрезентативка на младинските селекции на Црна Гора, додека Анѓела Губериниќ е 20-годишна пивотменка и капитенка на црногорската јуниорска репрезентација.
Нов член е и црногорската голманка Нина Вуксановиќ, која пристигнува од грчкиот АЕК Атина. Таа потекнува од школата на Будуќност, а интернационално искуство собираше и на Фарските Острови и во Босна и Херцеговина.
Шанса во првиот тим добива и Кристина Наумовска, лево крило кое доаѓа од вториот состав на Ѓорче Петров. Нејзиното приклучување е продолжение на клупската политика најдобрите млади ракометарки постепено да се внесуваат во сениорскиот тим.
Последното засилување е романската интернационалка Сабрина Лазеа. Таа има 29 години, може да игра на сите три бековски позиции, а нејзин посебен квалитет е играта во одбрана. Лазеа долго настапуваше во силното романско првенство, има искуство и од Лигата на Европа, додека минатата сезона играше за италијански Трапани.
Покрај седумте засилувања, Ѓорче Петров успеа да задржи голем дел од составот што ја освои двојната круна.
Во клубот остануваат Емилијана Ризоска, Ива Велкова, Анастасија Трпеска, Ана Вранчиќ, Армина Исиќ, Марија Јовановска, Милена Вујисиќ, Милица Николиќ, сестрите Бојана и Борјана Коцеви, Мила Ѓорѓиевскa.
Од минатосезонскиот состав заминаа Стефанија Ѓорѓиевска, Марија Јанкуловска, Теодора Дукоска, Марија Гугуљанова и Катерина Дамјаноска.
Ѓорче Петров во новата сезона ќе игра во Супер женската лига и во Купот на Македонија, каде ќе ги брани двата трофеи, но ќе има обврски и во две меѓународни натпреварувања.
Во Лигата на Европа на ЕХФ, македонскиот шампион ќе стартува од второто квалификациско коло. Ривал ќе биде чешкиот Бањик Мост, а двата натпревари треба да се одиграат во викендите на 3/4 и 10/11 октомври. Победникот од двомечот ќе продолжи во третото квалификациско коло на второто по квалитет европско клупско натпреварување.
„Лавиците“ ќе бидат дел и од новата женска регионална лига. Во групата ќе играат против македонскиот претставник Чаир, српската Наиса од Ниш, словенечката Ајдовшчина и црногорската Левалеа.
Во втората група се Крим, Будуќност, Подравка, Локомотива Загреб и Црвена Звезда, а натпреварувањето треба да се игра во турнирски систем.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
















