Египет и Кина продолжуваат да импресионираат – четврта победа во низа на Мундијалот!

Со натпреварите од главната рунда продолжи Светското првенство за кадетки во Романија, а селекциите на Египет и Кина продолжуваат да бидат најпријатното изненадување на шампионатот.

Египет ја совлада Јужна Кореја со 28:27 во драматичен натпревар и ја запиша четвртата последователна победа, со што останува на врвот во својата група. Данска, пак, ја надигра Франција со 21:19 и исто така има максимални четири бода. Eгипет и Данска ги потврдија своите места во ТОП 8.

Во втората група, Шпанија беше подобра од Холандија со 30:26, додека Црна Гора ја изненади Германија и славеше со 27:26.

Кина ја продолжи сензационалната серија, откако ја победи Шведска со 34:31 и остана лидер во третата група. Во истиот сегмент, Унгарија и домаќинот Романија ремизираа 24:24. Од оваа група, Кина е сигурен четвртфиналист.

Во четвртата група, Швајцарија убедливо ја совлада Јапонија со 41:31, додека Словенија во неизвесен натпревар ја победи Словачка со 24:23.

Со четири победи по ред, Египет и Кина се наметнуваат како сериозни кандидати за висок пласман, а можеби и за борба за медалите на Светското првенство. Покрај нив во ТОП 8 одат и Шпанија, Црна Гора и Данска.

СП кадетки:

Група 1: 1. Египет – 4, 2. Данска – 4, 3. Јужна Кореја – 0, 4. Франција – 0.
Група 2: 1. Шпанија – 4, 2. Црна Гора – 4, 3. Германија – 0, 4. Холандија – 0.
Група 3: 1. Кина – 4, 2. Унгарија – 3, 3. Романија – 1, 4. Шведска – 0.
Група 4: 1. Швајцарија – 4, 2. Словенија – 2, 3. Словачка – 2, 4. Јапонија – 0.