ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Фраде останува во Барса, Целје се ослободува од вишокот

Каталонскиот гигант Барселона реши да го задржи кружниот напаѓач Луис Фраде. Раководството на Барселона и репрезентативецот на Португалија се договорија на нова соработка, која ќе биде со важност до 2026 година. Фраде во Барселона пристигна во текот на 2019 година од Спортинг Лисабон. 25-годишниот ракометар во првиот дел од тековната сезона постигна 40 погодоци во Лигата на шампионите.

Словенечкиот шампион Целје објави прекин на соработката со искусниот Грегор Кречиќ, кој во редовите на „пиварите“, пристигна на почетокот на оваа сезона од Копер. Десниот бек својата кариера ќе ја продолжи во Бундес лигата и ќе го носи дресот на Бергишер. Клубот на Кречиќ се наоѓа на 16. позиција во најквалитетната лига на светот. Целје претходно го испрати кружниот напаѓач Адмир Муховиќ на позајмица во Борац Бања Лука.

Данскиот шампион ГОГ Гудме за следната сезона ги објави имињата на новите голмани за следната сезона. Голманското дуо на клубот од Гудме ќе го сочинуваат Петар Јоханесен и Салах Бутаф. Шведскиот интернационалец Јоханесен од 2015 година настапува во Бундес лигата, го чуваше голот на Балинген и Лемго, а моментално е член на Бергишер. Бутаф во ГОГ Гудме ќе пристигне од Скандерборг и ќе има можност во новиот клуб да напредува на високо ниво.

42-годишниот голман Светлислав Веркиќ, откако паузираше одреден временски период, реши повторно да се активира меѓу стативите. Искусниот голман ќе се пресели во Швајцарија и ќе го брани голот на Зур. Во швајцарскиот клуб ќе биде замена за неговиот сонародник Драган Марјанац, кој неодамна беше опериран на рамото.

Репрезентативката на Унгарија, Наоми Пастор, по завршувањето на сезоната ќе се пресели во Франција. Кружниот напаѓач се договори на соработка со тимот на Нант и во Франција ќе го има првото интернационално искуство. Пастор на Светското младинско првенство во 2018 година ја водеше својата репрезентација до злато и на младинскиот Мундијал го доби признанието за најдобар пикер. Во последните три сезони е дел од тимот на Мошонмаѓаровар.