Трајкоски со нов интернационален предизвик, ќе игра за клуб од Грција!

Прилепчанецот Владимир Трајкоски, кој последниот клупски ангажман го имаше на Косово, поточно во екипата на Трепча, ќе има нов предизвик во својата кариера.

Средниот бек во остатокот од тековната сезона ќе го носи дресот на грчкиот суперлигаш Панелиниос од Атина.

Трајкоски во клубот од грчката престолнина ќе има одлична можност да стекне уште поголемо искуство, бидејќи шампионатот во Грција од сезона во сезона станува сѐ поквалитетен.

Младиот ракометар во Македонија настапуваше за матичниот Прилеп, го носеше дресот и на Голден Арт и Скопје, додека во 2018 година со кадетската екипа на Прилеп го освои трофејот во кадетскиот шампионат.

Панелиниос во вториот дел од сезоната ќе се обиде да се претстави во подобро светло и да остане во најсилното натпреварување во Грција.