По поразот на домашен терен од составот на Охрид, тимот на Кирил Лазаров се врати на победите и славеше со 30-23 кај Тиквеш во Кавадарци. Сепак и со новите бодови, четвртото место е максимум што може да го оствари оваа екипа, која оди во надолна линија по второто место пред две сезони и третото лани, па од лето ќе мора да се задоволи само со учество во ЕХФ Европскиот Куп.
Кавадарчани го отворија подобро натпреварот и водеа со 4-2, па 6-4, но со серија одбрани на Николовски, гостите направија пресврт и имаа плус два, 8-6. Момците на Лазаров отидоа и на плус три, 11-8, но потоа влегоа во „црна дупка“.
Не постигнаа гол цели осум минути, а за тоа време Стојановски и десното крило Чејовиќ со два гола, еден од пенал, Печурица беше одличен на голот и Тиквеш се врати во егал, 11-11. Сепак во последната секунда Костески погоди за водство на гостинскиот тим на паузата.
Неколку минути во вториот дел се играше гол за гол, но гостите сфатија дека „ѓаволот ја однесе шегата“ и со двата гола на Петковски и на Борзаш отидоа на плус четири, 20-16. Момците на Кристијан Грчевски се трудеа, но не успеаја да му направат проблеми на тимот на Лазаров, кој се израдува на бодовите.
По шест гола за домашниот тим дадоа Мијушковиќ и Стојановски, а Тордарсон и Борзаш по седум пати беа прецизни за составот од Автокоманда.


























